ВМРО-ДПМНЕ демантира дека ќе се вработуваат 3000 кадри во администрација. Ја обвинија СДСМ дека повторно шири бесрамни лаги со цел да ја прикрие катастрофалната состојба во која ја остави државата. Во своето соопштение до јавноста, од партијата на власт ја споменаа и ДУИ.
-Ако некој создаде армија на неспособни партиски војници и ја претвори државната администрација во штаб на Бихаќка, тоа е токму СДС! Дополнително, ако има вработувања, тие ќе бидат исклучиво во согласност со пописот и реалните потреби на институциите, а не по партиски список како што правеше СДС. Смешно е што СДС денес држи прес-конференции наместо ДУИ против Влен. До толку се зависни од ДУИ што еден ден природно ќе си го исполнат стариот договор и ќе се спојат во една партија, се вели меѓу другото во соопштението на најголемата владеачка партија.
Ова следува откако пред два дена првиот вицепремиер Изет Меџити на партиски настан во Шуто Оризари, вети дека за една година на власт ќе вработат до 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација. Тој рече дека за една година на власт ќе вработат повеќе Албанци во државна служба, отколку претходните албански политички субјекти во власта за два мандата.
Следуваше реакција од опозицијата. Рекоа дека ВЛЕН ја третира државата како приватен бизнис кој треба да го наполнат со партиски војници. Го обвинија премиерот Христијан Мицкоски дека седи и немо гледа што се случува.
-Македонија не губи луѓе затоа што нема 3000 работни места во администрацијата, туку затоа што владее корупција, партиски клиентелизам и недостаток на еднакви шанси. Оние што не припаѓаат на владејачките партии остануваат без можности, а професионалците заминуваат затоа што во оваа држава не се вреднува знаењето, туку партиската лојалност, кажаа од СДСМ.
Меџити вчера пак ретерираше од својот првичен став и кажа дека има одлука на Владата за 1500 луѓе кои што работат во здравството, повеќе да не бидат на договор на дело.
-Има одлука на Владата за трансформирање со решенија на неопределено и истиот пристап ќе биде и во другите институции. Нема да играме со луѓето како што играа во минатото и да ги искористуваме за избори. Потребни се во здравството, треба да имаат решенија на неопределено и да се посветат целосно на подобро здравје, кажа Меџити при посетата на граничниот премин „Блаце“ заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и неговиот косовски колега, Џелал Свечља.
Меџити го обвини колегата Горан Минчев дека користи реторика слична на онаа на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и потенцираше дека правичната застапеност на Албанците е уставна категорија која не може да се доведе во прашање. Ова следуваше откако министерот за јавна администрација го замоли еден од лидерите на ВЛЕН да не се однесува како „Алиса во земјата на чудата“.