СДСМ: Кадар на ВМРО-ДПМНЕ издал наредба 40 возила да бидат 240 пати пропуштени низ патарините без да платат

од Nikola Popovski
43 прегледи

СДСМ објави снимки од панорамски камери, според кои, на 29 ти септември 2024 година, на патарините на наплатните рампи во Петровец, Сопот, Отовица и Градско, се пропуштени 40 возила без да платат патарина. Според информациите на партијата, кои биле доставени од свиркачи, околу 240 ненаплатени пропуштања низ патарините само во еден ден на 40 возила кои биле пропуштени на широкопојасната лента со црвен семафор.

Согласно член 66 од Законот за јавни патишта од патарина се ослободени само: возила со полициска придружба, возила означени на Армијата, полицијата, Царината, брзата помош, протипожарните служби, возила на заболени од законски дефинирани болести и лица со телесни оштетувања од 80% со соодветни книшки.

-Што значи има јасни законски ограничувања и никој надвор од овие законски прописи не може да ослободува возила да не платат патарина. Наредбата за овие 40 возила да бидат 240 пати пропуштени низ патарините без да платат ја издал раководителот на наплатна служба, Ванчо Милевски, инаку кадар на ДПМНЕ.

Врв на ова самоволие е пораката, испратена по Вибер апликација, до сите Одговорни на гореспоменатите наплатни станици, во која децидно е Наредено замислата на Раководителот да се спроведе.

Ова самоволие и прекршување на законот се случува во време кога се поднесени кривични пријави за 6 вработени во јавното претпријатие дека пропуштале возила на полицајци без да платат патарина.

Прашањето сега е дали раководителот Ванчо Милевски ќе сноси одговорност? Дали Коце Трајановски ќе го разреши и дали МВР ќе му поднесе кривична пријава? Или за партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ не важат законите и можат да прават што сакаат, прашаа од СДСМ преку објавување на партиското соопштение.

Претходно од СДСМ обвинуваа дека Миланчо Митревски, кој е назначен за шеф на контрола на наплатната служба на патарините во Петровец, самиот не плаќа патарини. Побараа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Трајановски веднаш да го разреши Митрески, а надлежните институции да преземат мерки за соодветна одговорност веднаш.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ тогаш реагира дека ова се неосновани напади, велејќи дека опозициската партија гледа колку е подобрена работата на ЈПДП и затоа го напаѓаат Трајановски.

Слични содржини