СДСМ ќе ја повика европската обвинителка Ковеши да го испита скандалот со ИПАРД-програмата

-Немаме доверба во нашите институции - прво затоа што врз нив секојдневно се врши притисок од страна на Мицкоски, а второ и затоа што власта прави се за да ги заштити своите од прогон, порачаа од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
6 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија и лично да се запознае со, како што велат, малверзациите што ВМРО-ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата. Партијата соопшти дека не сака државата да остане без финансиска поддршка поради злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Немаме доверба во нашите институции, прво затоа што врз нив секојдневно се врши притисок од страна на Мицкоски, а второ и затоа што власта прави се за да ги заштити своите од прогон.

Имајќи предвид дека злоупотребите биле вршени од страна на власта, и дека директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој е уапсен токму за корупција поврзана со европските пари, сметаме дека должност ни е да ја информираме европската јавност и Европското јавно обвинителство (EPPO).

Ова не е темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за да си играат со судбината на Македонија и да ги крадат граѓаните, порачаа од СДСМ.

Главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, е надлежна за истраги поврзани со злоупотреби на ИПАРД-фондовите, во рамките на нејзината улога како прв човек на Европското јавно обвинителство (EPPO – European Public Prosecutor’s Office).

EPPO е независно тело на Европската Унија, основано во 2017 година и оперативно од 2021 година, со главна задача да истражува, гони и води постапки за измами, корупција и други кривични дела кои ги загрозуваат финансиските интереси на Европската Унија, вклучително и фондовите како ИПАРД, што се дел од претпристапните ИПА-фондови наменети за земјите-кандидати.

Како дел од ИПА-фондовите, ИПАРД е под надлежност на EPPO во случаи на измама, перење пари или корупција.

Стопирањето на исплатата од ИПАРД следува по големиот корупциски скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, откако директорот Илија Стоилев и неколкумина службеници се притворени за поткуп од околу 50.000 евра.

Слични содржини