„Најновата измислица на Мицкоски и ДПМНЕ денес е сеењето на магла дека некој барал „убиство на Мицкоски“. Имено, веб страницата www.ubijcitenakocani.com е направена на 16.09.2025 и пополнета со содржина непосредно пред прес-конференцијата на партискиот портпарол, односно во 11 часот и 58 минути. Прашуваме, дали ова не е доказ дека истата е направена за нивните морбидни ПР потреби? Пред прес-конференцијата, веб-странцата не постоеше, ниту пак некој ја имаше видено“, велат од СДСМ за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемата опозициска партија бара од ВМРО-ДПМНЕ да се извинат за искажаните лаги и обидот за манипулации и бараат од институциите веднаш да ја проверат сопственоста на интернет страницата.
-СДСМ ќе поднесе кривична пријава за пронаоѓање и казнување на креаторите на оваа морбидна кампања. СДСМ бара итно извинување од ВМРО-ДПМНЕ, во спротива ќе поднесе тужба за клевета.
Апелираме до Мицкоски и ДПМНЕ да ги остават да почиваат во мир жртвите од Кочани. Апелираме до Мицкоски да престане со овој морбиден ПР кој ги вознемирува семејствата на загинатите и повредените, стои во партиското соопштение.
На интернет се појави страница „Убијците на Кочани“ во која е споделена фоотомонтажа со крвави лица од премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни Панче Тошковски и директорот на БЈБ, Александар Јанев. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека зад него стојат структури блиски до Венко Филипче.
„Ако сака Венко да направи разлика, тогаш нека излезе јавно да се извини и осуди ваквата омраза која тој ја стимулира“, велат од партијата на Христијан Мицкоски.