СДСМ ќе поднесе законски решенија за покачување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите

„СДСМ ги поддржува барањата на работниците и Сојузот на синдикатите, секој работник заслужува достоинствена плата за живот“, порачаа од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: СДСМ

СДСМ најави дека ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на минималната плата на 600 евра, за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите. Како што велат од партијата, ова го прават поради тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и изнесените барања на Сојузот на синдикатите.

„СДСМ ги поддржува барањата на работниците и Сојузот на синдикатите, секој работник заслужува достоинствена плата за живот. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес конференција ќе ги образложи деталите за овие законски решенија“, стои во пораката од „Бихаќка“.

„Минималецот да биде 600 евра а останатите плати да се зголемат за 100 евра“, побараа Синдикатите на вчерашниот протест во Скопје. Предупредија дека тука нема да застанат ако надлежните останат глуви на барањето за повисоки примања. Стартуваа од пред седиштето на ССМ, продолжија пред Собранието, а завршија пред Владата.

Синдикалците од пред Собранието рекоа дека не треба пратениците да си играат со работничката мака, од чии даноци тие земаат плата.

Од Владата пак остануваат на ставот дека не се против зголемување на платите, туку дека ќе ја почитуваат секоја одлука на работодавачите. Според бизнисот повисока минимална плата е невозможна без владата да ги субвенционира придонесите во период од една година.