На вчерашниот црн ден во кој две лица ги загубија животите во пожарите, а институциите целосно потфрлија во управување со кризата, Мицкоски реши да си држи партиски трибини наместо да ја мобилизира целата влада за справување со кризата, соопштија утрово од СДСМ за пожарите низ државата и односот на Владата.
Минатата година, додаваат од партијата, во која изгореа 10% од државата, како што велат, премиерот Христијан Мицкоски одеше и сечеше ленти на проекти на СДСМ, а сега ја тера партиската агенда додека неговите институции целосно потфрлаат и граѓаните се оставени сами на себе.
-Неговата единствена цел е да прикаже дека сè е во ред со државата, а граѓаните гледаат дека состојбата е целосно излезена од контрола.
ВМРО-ДПМНЕ било и секогаш ќе биде заинтересирано само за власта, за партијата, а никогаш за граѓаните и нивните потреби. Секогаш сопствените интереси пред државните и секогаш личниот рејтинг пред одговорното управување со институциите, стои во партиското соопштение од „Бихаќка“.
Според последниот извештај од утрово на Центарот за управување со кризи, активни се 9 пожари низ земјата, под контрола се 4, а локализиран е еден.