СДСМ: Мицкоски ги продава македонските национални интереси, отиде кај Орбан за да договара враќање на Груевски

„Што ќе се случи со 40% од медиумите во Македонија кога ќе падне Орбан, кои ги контролира ВМРО?“, прашуваат од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

„Орбан, кој веќе е исвиркан и од сопствените поддржувачи на митинзи, е симбол на една политика која Европската Унија веќе не ја толерира. Коруптивна политика која служи на бизнис и руски интереси, наместо на европските вредности и иднината на граѓаните. Додека граѓаните на Унгарија го избираат европскиот пат Мицкоски ја турка Македонија во спротивна насока – кон изолација, неизвесност и назадување кое сака да трае со децении“, велат од СДСМ за посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Будимпешта и средбата со унгарскиот премиер.

Според СДСМ, како што велат, Мицкоски ги продава македонските национални интереси а денеска отиде кај Орбан за да договара враќање на екс-премиерот Никола Груевски.

„Какви други договори се прават зад затворени врати? Што ќе се случи со 40% од медиумите во Македонија кога ќе падне Орбан, кои ги контролира ВМРО? Што ќе биде со бизнисите на Орбан во Македонија, во енергетиката и телекомуникациите“, прашуваат од „Бихаќка“.

На средбата, како што информира Владата, била „потврдена заедничката определба за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете држави“. Премиерот Мицкоски и неговата влада досега не го користеа изразот „стратешко партнерство“ кога реферираа на односите со Унгарија и на соработката со оваа држава.

Мицкоски одржал и говор на настан организиран од „Колегиумот Матијас Корвинус“, каде што кажал дека „силните држави се градат врз јасни политики, стабилни институции и педантна заштита на националните интереси“.

Во говорот, Мицкоски искажал и пофални зборови за домаќинот Орбан, велејќи дека Унгарија претставува „пример за држава која, со јасна визија и силно лидерство, успева да обезбеди економски развој, стабилност и зачувување на идентитетот“. Премиерот и дополнително ја нагласил „улогата на премиерот Виктор Орбан како лидер кој има храброст да донесува одлуки во интерес на својата земја и кој придонесува за стабилноста на регионот и на Европа“.

Посетата на Мицкоски се случува две несели пред изборите во Унгарија каде што опозициската партија ТИСА и нејзиниот лидер Петер Мажар водат значајно во анкетите.