СДСМ: Мицкоски и неговиот „модел на Вучиќ“ нè водат во изолација, како што тоа сега може во секој момент да ѝ се случи на Србија

„Мицкоски не е самостоен лидер, туку марионета под директно влијание од Белград, што ја доведува нашата земја во опасност“, обвинија од најголемата опозициска партија

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

СДСМ денеска преку ново соопштение повторно испрати критики и обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски, поврзувајќи го претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Како во приказната на Андерсен „Царот е гол“, денес е јасно дека премиерот Христијан Мицкоски, познат како „малиот Вучиќ“, поради слепото копирање на авторитарните методи на Александар Вучиќ, го разоткри вистинското лице на владата на Македонија, која ја претставува тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ.

Мицкоски не е самостоен лидер, туку марионета под директно влијание од Белград, што ја доведува нашата земја во опасност од регрес и изолација од Европа“, истакнуваат од СДСМ.

Според партијата на Венко Филипче, далеку оди соработката на Мицкоски со Вучиќ.

„Покажува примерот кога Мицкоски правеше кампања заедно со Вучиќ дури и со настраданите во Кочани, кога со камери влегоа во одделението за интензивна нега, каде што не смее да влезе никој што не е во стерилна опрема кај луѓе со такви изгореници. Вучиќ ги злоупотреби повредените што лежеа во Србија за својата кампања, доведувајќи ги во опасност, само за да покаже како тој се грижи за настраданите. Затоа што имаше протести поради настрешницата во Нови Сад. А Мицкоски копирајќи го него ги загрози луѓето на интензивна нега во Македонија само заради заедничката кампања со Вучиќ. Copy-paste сценарио“, велат од СДСМ.

СДСМ предупредува веќе подолг период за, како што велат, „copy-paste“ тактиките на ВМРО: користење на одредени медиуми кои ги има под своја контрола за кампањи против опозицијата, слично на она што СНС го прави против демонстрантите во Србија, според извештаите на многубројни светски и регионални медиуми.

„Мицкоски и неговиот „модел на Вучиќ“ нè водат во изолација, како што тоа сега може во секој момент да ѝ се случи на Србија.

Време е да се разбудиме и да се вратиме на патот на демократијата и ЕУ.

СДСМ повикува на единство против политиката на режимот ВМРО-ЗНАМ, која е насочена кон изолација на Македонија и дистанцирање од влијанието на Александар Вучиќ, режим кој нашата земја ја турка во пропаст, само за да ја зачува својата власт и личната безбедност, надвор од досегот на правдата“, стои меѓу другото во соопштението.