СДСМ: Мицкоски и неговиот пријател Ковачев се виновни за оспорувањето на македонскиот идентитет и јазик

од Nikola Popovski
43 прегледи

СДСМ соопшти дека најголем непријател на македонскиот јазик, култура и идентитет е премиерот Христијан Мицкоским, бидејќи, како што обвинуваат, одново ја отворил дебатата за македонскиот јазик во Европскиот парламент – прашање што беше затворено, а јазикот дефиниран како единствен македонски јазик на македонскиот народ.

-Мицкоски не може да впери прст кон никого за поразот што Македонија повторно го доживува во Брисел. Токму тој и неговиот пријател Андреј Ковачев, со кого заеднички работат на блокирање на европската перспектива на македонските граѓани, се виновни за оваа состојба.

Од најголемата опозициска партија велат дека СДСМ ја извојува победата во Брисел со Преговарачката рамка во која е наведен македонскиот јазик, како и со потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС на чист, единствен и признаен македонски јазик – без никакви придавки, фусноти и ѕвездички.

-Во услови кога нема со што да се пофали по една година власт, Мицкоски реши победата да ја претвори во пораз, воден од лични интереси и потреба за политичка кампања. За жал, ваквото врховистичко однесување на Мицкоски, потпомогнато од Андреј Ковачев и пратениците на ЕПП во Европскиот парламент, доведе до тоа повторно да ѝ се оспорува на Македонија идентитетот и јазикот. Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата и самоволието, киднапирајќи ја европската иднина на државата, порачаа од СДСМ и побараа веднаш да се извини пред македонскиот народ за, како што велат, лажните ветувања и да сноси политичка одговорност за тоа што го избриша македонскиот јазик од извештајот на Европскиот парламент.

Според најавите од Бугарија, трите најголеми политички сили во ЕП, Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова на либералите се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од Предлог-извештајот за напредокот на земјава, кој треба да се гласа на пленарната седница на ЕП на 8 јули. Информацијата на Фејсбук ја потврди бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.