СДСМ: Мицкоски пак манипулира – со инфлација од 4,8%, реалниот раст на БДП е 1,4%

Граѓаните не живеат од статистички бројки туку од сопствениот џеб, а таму реалноста е сурова: повисоки цени, пониски приходи и намален квалитет на живот, порачуваат од СДСМ

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Фејсбук

Со инфлација од 4,8% повисока од растот на БДП, реалната економија оди надолу од -1.4%, а граѓаните тонат во сиромаштија. Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста, велат од СДСМ како реакција на вчерашните изјави на премиерот Христијан Мицкоски.

СДСМ истакнува дека граѓаните не живеат од статистички бројки туку од сопствениот џеб. А таму реалноста е сурова: повисоки цени, пониски приходи и намален квалитет на живот.

-Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%.

Странските инвестиции се преполовени на 221 милиони евра, од 573 милиони евра минатата година со СДСМ. Ова се реалните катастрофални резултати на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Тоа граѓаните секој ден го гледаат, животот е сè потежок, а Македонија економски назадува, стои во соопштението од СДСМ.

Македонската економија фаќа залет. Бруто-домашниот производ во второто тримесечје порасна за 3,4% во однос на истиот период лани, пресмета Државниот завод за статистика.

Најголем пораст има кај градежништвото, трговијата, транспортот, објектите за сместување и сервисните дејности со храна, но и во рударството и преработувачката индустрија. Повеќе трошеле и домаќинствата.

Премиерот Мицкоски посочи дека е ова четврти квартал по ред на раст на БДП од над три проценти и оти во исто време се објавени податоците за 28 земји, а Македонија го дели третото место со Хрватска. Повисок раст од нас имаат Ирска и Кипар.

Мицкоски очекува до крајот на годинава да имаме и квартал со раст од над четири проценти.