СДСМ: Мицкоски преку Гаши се обидува да ја минира Анкетната комисија за Кочани

„Гаши им купи две недели на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, но треба да знае дека нема бегање од вистината и од правдата“, порача од партијата на Венко Филипче

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: СДСМ

СДСМ обвинува дека премиерот Христијан Мицкоски преку претседателот на Собранието, Африм Гаши го минира формирањето на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, што е барање на семејствата на загинатите и повредените. Очигледно, додаваат од партијата, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се плашат од вистината за Кочани, па затоа, констатираат дека се измислуваат некакви деловнички изговори.

-Поднесената иницијатива на пратениците на СДСМ е целосно согласно Деловникот кој дава можности да се утврди бројот на членови и делокугрот за работа, на самата седница на којашто ќе се одлучува по одлуката за формирање на Анкетната комисија да се утврдат членовите и составот на анкетната комисија, тврдат од СДСМ, додавајќи дека спикерот „Гаши им купи две недели на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, но треба да знае дека нема бегање од вистината и од правдата“.

СДСМ најавува дека ќе ги искористи сите законски и Деловнички механизми и повторно ќе поднесеат нова иницијатива.

-Нема да дозволиме да успее обидот на власта по секоја цена да ја спречи формирањето ниту пак работата на Анектната комисија за Кочани. Граѓаните, семејствата, јавноста треба да ја дознааат и ќе ја дознаат целата вистина за Кочани, како и на кој начин била загрозена безбедноста на присутните во објектот, кои биле институционалните пропусти, какви се прекршувањата на законските одредби, како и тоа кој треба да понесе политичката одговорност, констатираат од партијата на Венко Филипче.

Претседателот на Собранието ќе ја врати на доработка иницијативата на СДСМ и Левица за формирање анкетна комисија што треба да ги испита околностите за трагедијата во Кочани. Како што информираше Гаши на брифинг, во поднесениот предлог било утврдено дека мнозинството во комисијата му припаѓа на опозицискиот блок, што е спротивно на собранискиот Деловник. Гаши се повика на член 124 од Деловникот, според кој сите работни тела, вклучително и анкетните комисии, мора да имаат состав пропорционален на парламентарниот распоред на сили. Тоа значи дека мнозинството во комисијата го има власта, додека претседателот се избира од редовите на опозицијата. Бидејќи ова правило не е испочитувано, иницијативата е вратена на доработка.