СДСМ: Муцунски прави партизација на МНР како филијала на ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
65 прегледи

СДСМ денеска преку соопштение критикува дека од моментот кога Тимчо Муцунски стана министер, сведоци се за целосен дебакл на надворешната политика и на целосна партизација, непрофесионалност и урнисување на Министерството за надворешни работи како институција. Според најголемата опозициска партија, Муцунски го претворил МНР во партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ.

-Муцунски поставува кадри без елементарно познавање на дипломатијата, кои не ги исполнуваат основните критериуми. Пример е Веле Трепевски, кој без соодветни квалификации Муцунски го постави за директор за организациони работи, а сега е предложен и за амбасадор во соседна Албанија. Единствена негова работа е заедно со државната секретарка Елена Кузмановска, да врши масовни партиски унапредувања на кадри блиски до ВМРО-ДПМНЕ – по налог на Муцунски а на штета на искусни и стручни дипломати.

Горан Трајков, сопруг на Викторија Трајков, е унапреден во министер-советник без да ги исполнува законските критериуми. Никола Гугоски, синдикален претставник што работи под партиски директиви на ВМРО-ДПМНЕ, е унапреден и испратен во Истанбул. Васко Дамчевски, поранешен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и учесник во настаните од 27 април 2017, е унапреден двапати и сега оди во Конзултатот во Солун како ополномоштен министер – токму таму каде што му студира детето, истакнуваат од СДСМ.

Од „Бихаќка“ додаваат дека партизацијата продолжува и преку злоупотреба на системот за испомош.

-Дипломат кој пред два месеца се вратил од мандат, веќе е испратен во Париз. Исти практики гледаме и во Берлин и други дипломатски мисии. Над 20 лица се ангажирани со договор за дело, а дел од нив не се ни појавуваат на работа. Без никакво објаснување амбасадорот Весел Мемеди е вратен во Италија, иако законскиот рок за усогласување на ставовите за неговиот статус одамна е поминат.

Ова е уште еден доказ дека Муцунски ја води дипломатијата како приватна сопственост, а институциите ги третира како филијали на ВМРО-ДПМНЕ. Во исто време, во самото Министерство владее хаос: Често нема вода во тоалетите, не работи системот за ладење, недостасуваат основни материјали за работа, стои во партиското соопштение, во кое се додава дека СДСМ ќе се спротивстави на оваа партизација, газење на дипломатијата и угледот на земјата.

Слични содржини