СДСМ: На 1. септември Христовски напишал „нека е честит петтиот и последен роденден на АНБ“

од Nikola Popovski
218 прегледи

Христовски го има на слики во речиси сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Може да се види многу горд со Мицкоски, со Силјановска, и како ревносно ги пропагира политиките на неговата партија. Буквално нема неполитичка, ниту некаква професионална објава на Христовски, сите му се партиски. Дури и во последните објави на Христовски се гледа тоа. На 25 септември, со слика пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ќе објави дека „ја чува организацијата“, велат утрово од СДСМ за назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на АНБ.

Од партијата во опозиција наведуваат дека Христовски имал, како што велат, загрижувачки објави кои покажуваат какви се неговите скриени намери.

-Еве ја таа објава. На 1 септември оваа година Христовски ќе напише, цитирам „Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!“ Се поставува прашањето дали Христовски по партиски налог всушност ќе работи за уништување на АНБ, прашуваат од „Бихаќка“, при што побараа да биде разрешен од новата функција во безбедносниот сектор и поставување на нов човек.

Христовски на завчерашната владина седница е именуван за директор на местото на Зарко Милошевски, кому не му истече мандатот, туку е разрешен од функцијата, која ја извршуваше неполни две години, иако мандатот на директорот, според закон, е четири години.

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрла обвинувањата за политизација на АНБ. Не гледа проблем во назначувањето на Христовски за нов директор, за кого рече дека во минатото му била нанесена неправда.

Дел од експертите од областа со кои поразговара „Локално“, претпоставуваат дека се работи за „реална неинволвираност во партиски тела и активности затоа што тој кога не станал дел од АНБ, бил префрлен и вработен во МВР“.

Христовски е поранешен припадник на УБК. Му беше одземен безбедносниот сертификат и не се префрли во новата АНБ. Самиот објави дека образложение за одземање на сертификатот било учество на неговиот татко во протестите против Преспанскиот договор и сомнежи за руско влијание. Преку тужба на Управен суд, Христовски си го доби сертификатот и се вработи во МВР. Во меѓувреме, беше претседател на скопскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и член на централниот партиски комитет. Кратко беше директор на скопски Паркинг, пред да се влошат односите меѓу градоначалничката Данела Арсовска и партијата на Мицкоски.

Од Владата информираа дека Христовски од 2023 година не е член на партија, откако си поднел оставка по неговото враќање на работа во МВР.

Слични содржини