СДСМ обвинуваат дека вицепремиерот Изет Меџити ја злоупотребил службената позиција и отворил сомнеж за корупција. Објави документи со кои, според нив, Меџити ги заобиколувал институционалните процедури, и лично одлучувал кои предмети ќе бидат одобрени или стопирани.
Од партијата утрово информираа дека во 11 часот ќе му ги достават документите на премиерот Христијан Мицкоски во зградата на Владата.
-СДСМ чувствува одговорност да реагира веднаш откако премиерот Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата, велат од „Бихаќка“.
Поради груба злоупотреба, организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски вчера истакна дека Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.01.2025 година официјално ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи. Според него, со ова решение јасно се потврдува дека незаконските постапки на Меџити биле детектирани и санкционирани.
Опозициската ДУИ бара истражните органи да ги прошират истрагите не само против Меџити, туку и вработените во неговиот кабинет. Бараа целосна истрага и стопирање на сите моментални вработувања во администрацијата.
-Од лиценци и еколошки дозволи до обични бирократски постапки, ништо не поминувало без негово одобрение и без коруптивните шеми водени од кабинетот на Меџити. Истите овие луѓе биле вклучени во слични корупциски шеми и во Општина Чаир, претворајќи ја во урбанистички кошмар за граѓаните, се вели во соопштението од ДУИ.
Премиерот ги повика ДУИ, да достават докази до него за корупцијата која тврдат дека ја направил вицепремиерот Изет Меџити. Мицкоски рече дека одма ќе ги даде на органите за да постапуваат. Посочи дека има доверба во Меџити, а за ДУИ повтори дека нивното второ име е „корупција“.
-Го имаат мојот број, сите го знаат, денес-утре да дојдат и ако сум на седница ќе ја напуштам за да ги видам тие докази и да ги предадеме на соодветните органи кои треба да постапуваат. Во спротивно ги предупредувам оние од ДУИ дека продолжуваат да сеат пердуви, да занимаваат со магла, магла којашто е оптоварена со зборот корупција која беше нивно второ име во минатото во коешто главен атрибут беше трговскиот центар Соравија, изјави Мицкоски.
Министерството за животна средина со писмена реакција. Според нив обвинувањата на опозицијата се поради стравот од откривање на крупни скандали.
-Реакцијата на СДСМ и ДУИ доаѓаат во време кога Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со Државниот инспекторатот за животна средина, секојдневно откриваат безброј скандали од претходната власт, се вели во писмената реакција од Кабинетот на Меџити.