„Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад. Последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните“ – велат од СДСМ по синоќешната реакција на првиот полицаец во државата.
Од најголемата опозициска партија го прашуваат Тошковски „до кога мисли да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?“.
-Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција. За тоа мора да има одговорност.
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност и да поднесе оставка, потенцираат од „Бихаќка“.
Нема да си поднесам оставка. Ова е одговорот што министерот за внатрешни работи го даде на барањето на СДСМ за негова оставка по вчерашниот оружен инцидент во Куманово. Тошковски, преку објава на неговиот Фејсбук-профил, вели дека ќе продолжи со решавање на проблемите и расчистување на, како што вели, нередот што го оставиле од СДСМ.
Тошковски смета дека хистеријата што ја гледа е „очај маскиран во соопштение“, особено во контекст на падот на поддршката на СДСМ во анкетите.
Тошковски не дава оставка, нападите од СДСМ биле ,,неосновани и политички мотивирани”