СДСМ најавува иницијатива за фунционер да може да има само македонско државјанство

од Nikola Popovski
38 прегледи

СДСМ ќе поднесе иницијатива за законски измени со кои премиер, вицепремиери, министри и пратеници ќе можат да бидат лица кои поседуваат само македонско државјанство. Ова следува по случајот со министерката за енергетика, Соња Божиновска и обвинувањата дека поседува бугарски документи.

-Бидејќи Мицкоски вели дека имало поголеми Македонци и помали, а Божиновска била најголема Македонка, тие измени ќе бараме да важат веднаш, од актуелниот состав. Нашите институции мора да ги водат луѓе кои имаат само една држава, и лојалност кон само една држава, кон Република Северна Македонија. Време е оваа Влада да покаже дали сака вистински патриотизам или ќе се служи со лажниот и понатаму, рече денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Со слично барање вчера излегоа и од партијата Левица, барајќи да се укине двојното државјанство на највисоките функционери во државата.

„Таа првично изјави дека не знаела дали има потпишано изјава за бугарска самосвест, туку тоа го правеле адвокати посредници. Еве нејзин личен потпис. Или министерката не знаела што потпишува?“, прашаа од Левица.

Божиновска тврди дека во моментов поседува само македонско и чешко државјанство. Во соопштението испратено вчера од нејзиното министерство до МИА се тврди дека „државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини“.

За „бугарската самосвест“ на Божиновска се расправаше и во Собранието на седницата за пратенички прашања. Оливер Спасовски од СДСМ го праша премиерот Христијан Мицкоски дали знаел за овој „проблем“ на Божиновска и што мили да направи околу фактот дека министерката неколку пати лажно ја информира јавноста околу нејзиното бугарско државјанство.

-Да биде Сања Божиновска дел од македонската Влада треба да е привилегија. Нејзината биографија и постигнувања се нешто, за што барем можете да кажете секоја чест за стручноста и личното портфолие. Се доведуваме во ситуација дека е грев, ако сме успешни, кажа Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на обвинувањата.

Премиерот во својот говор порача дека „Божиновска е многу поголема Македонка од сите вас“, обраќајки се до координаторот на пратеничката група на СДСМ.

-Ова го изјавувам и потпишувам, додаде Мицкоски.

Слични содржини