„Неговите најголеми невистини се дека има „90% реализација на програмата“. Денеска со нови конкретни примери за ветувања на Орце коишто никогаш не станаа реалност го покажуваме неговото вистинско лице, уште еднаш. Орце ветуваше „Туристичко Драчево“, ревитализација на старата чаршија, уредување на пешачки зони и културна понуда за развој на домашен туризам. Но, четири години подоцна, населбата остана во запуштена состојба, без ниедна реконструирана фасада, без осветлување, без сигнализација, без туристичка понуда“, велат од СДСМ преку прес-конференција на која соопштија, како што велат, разобличување на лагите на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.
Според Емил Николовски, кандидат за советник во Град Скопје од редовите на СДСМ, Ѓорѓиевски ветуваше велосипедски патеки, катни гаражи, базени, спортски сали , а, како што велат, добивме четири години само рендери и фотографии, ниту еден реален објект.
-Од 30 капитални ветувања во изборната програма, Орце нема испорачно ниту едно. Во меѓувреме, јавните пари се трошат на сомнителни тендери и раскошни ПР кампањи, додека граѓаните живеат во депонии, прашина и мрак. Кисела Вода стана симбол на застој и корупција. И сега истиот човек бара доверба за цело Скопје? Скопјани не се наивни. Скопје не е експериментална зона за нови лаги! Скопје заслужува вистински план и луѓе со визија, не празни ветувања и ПР. Скопје заслужува реални проекти, отчетност и работа за граѓаните, тврди Николовски.