СДСМ: Наставниците не добија зголемување на платите од 12%

од Nikola Popovski
44 прегледи

СДСМ е незадоволна и загрижена за третманот кој Владата и МОН го покажуваат кон просветните работници. Според законската обврска, платите на наставниците требаше да бидат зголемени за 12,15% од септември 2024 година, што би значело просечно зголемување од 4.300 денари. Од СДСМ истакнуваат дека тоа не се случи.

-Реалноста е понижувачка – зголемувањето од едвај 5% пристигна дури во октомври, оставајќи ги наставниците без заслуженото за нивниот труд. Дополнително, најавените зголемувања од 7,5% во март 2025 година и нејасните ветувања за идни зголемувања од 7,5-10% секој март се далеку од тоа што им следува и што треба да го добијат просветните работници, рече Жаклина Лазаревска од Комисијата за образование на СДСМ.

Според неа, за време на владеењето на претходната власт, во периодот од 2017 до 2023 година, платите на наставниците беа зголемени кумулативно за над 55%, со шест континуирани зголемувања, почнувајќи од 2019 година.

Во октомври 2024 година, беше договорено наставниците во основно и средно образование, од ноември да земаат 5% повисоки плати. СОНК и Владата се договорија ново покачување да има и во март, а платите да растат секоја година.

По преземањето на власта барањето за повисоки плати во образованието беше меѓу првите кои стигнаа на масата на премиерот Христијан Мицкоски.

Првичниот став на владата беше дека буџетот нема пари. Мицкоски објасни дека со домаќинско работење и зголемена наплата на даноците во последните 3 месеци Владата успеала да најде средства и за платите на наставниците нема да се крати ниту една буџетска ставка.

Слични содржини