СДСМ: Не може министрите да се возат во скапи службени коли, а граѓаните да одат пешки

од Nikola Popovski
115 прегледи

Од СДСМ велат дека имаат план во три точки за да се реши катастрофалната ситуација со градските претпријатија кои се под капата на Град Скопје. Од партијата го повторија ставот дека скопјани се жртва на политички игри и меѓусебните инаетења на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска.

Партијата на Венко Филипче смета дека „не може министрите во Владата на премиерот Христијан Мицкоски да се возат во скапи службени коли, а граѓаните да се оставени да одат пешки“.

Поради недостигот на автобуси, СДСМ иницира итна седница на Советот на Град Скопје која ќе биде одржана денеска во 18 часот. Одлуката за вонредна седница синоќа ја објави претседателот на Градскиот совет, Трајко Славески.

-На седницата ќе предложиме конкретни мерки кои очекуваме заеднички да ги поддржат сите советници и конечно да им се излезе во пресрет на граѓаните на Скопје. Потребно е обединување заради интересите на скопјани. Доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, ќе го преиспитаме нашето учество во Советот, порачаа од „Бихаќка“.

Главниот град од изутрината во сообраќаен хаос. Колапсот на јавниот превоз придонесе за голем метеж во Скопје. Автобусите на ЈСП останаа во базите поради недостиг на нафта. Граѓаните револтирани чекаат на автобуските постројки, дел од нив преку социјалните мрежи организираа превоз до работните места или до училиштата.

Од Град Скопје велат дека ова е смислено сценарио некој сака да го уништи и приватизира јавниот превоз, бидејќи била поништена редовната јавна набавка на гориво. Го вперија прстот во ВМРО-ДПМНЕ и нивен кадар. Од владеачката партија вчера и утрово не се огласија.

Слични содржини