СДСМ: Нека се договара ВМРО со ДУИ што сака, ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните

„Техничката влада мора да остане затоа што условите во општеството се исти како во 2016 година - криминал, корупција, заробени институции, контрола врз правосудството“, тврдат од таборот на Филипче

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Фејсбук

„Техничката влада мора да остане затоа што условите во општеството се исти како во 2016 година, криминал, корупција, заробени институции, партизација, контрола врз правосудството“ – го повторија својот став од СДСМ по вчерашната лидерска средба и дел од темите кои што се дискутираа меѓу претседателите на парламентарните партии.

Од СДСМ потенцираат дека, како што ја велат, тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени.

-Не сакаат реформи за ЕУ, туку покритие за намерна изолација на земјата. Нека се договара ВМРО со ДУИ што сака. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Наша обврска е власта да ја вратиме во рацете на народот, истакнуваат од „Бихаќка“, додавајќи дека укинувањето на „Пржино“ може да се случи во оној момент кога општеството ќе биде спремно, а, според СДСМ, за тоа се неопходни реформи по европски стандарди особено во делот на правосудството.

-Кога ќе бидат применети сите реформски закони кои се дел препораките на ЕУ и оценската мисија, во сферата на правосудството, обвинителството, полиција, правото и правната држава, во тој момент ние како држава ќе бидеме спремни да може да се укине техничката влада, наведуваат од таборот на Венко Филипче.

Слични содржини