СДСМ обвинува дека нема да биде исполнето уште едно, како што велат, лажно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера беше соопштено дека се паузира идејата за нов Клинички центар. Од партијата на Венко Филипче ја критикуваат власта дека пред изборите ветувала модерен, нов Клинички центар кој ќе овозможи подобри здравствени услуги за сите граѓани.
-Денес, кога се на власт, признаваат дека нема да го реализираат ова ветување, а наместо тоа, нудат импровизирано решение – пребукирана Градска општа болница „8 Септември“ да стане регионален центар.
Ова не е реформа во здравството, ова е уште еден доказ за неспособноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните нема да добијат подобра здравствена услуга, нема да се намалат листите на чекање, нема да има суштинско подобрување на системот. Напротив, само ќе се продлабочат проблемите во здравството, стои меѓу другото во партиското соопштение.
Вчера првиот човек на ФЗОМ, Сашо Клековски информира дека моментално идејата за нов Клинички центар е „малку паузирана“, за да се види кои се потребите. Тој на прес-конференција изјави дека демографијата на населението ни паѓа и со текот на годините, имаме се помалку луѓе, па оттаму мора да се видат бројките на осигуреници и пациенти.nСпоред него, „8 Септември“ поседува 150 квадратни метри по болнички кревет наспроти старата градска болница, каде има нешто повеќе од 30 и нешто квадратни метри.
-Поради тој капацитет, како и инфраструктурата на болницата очекувано е дека таму ќе се инвестира за да се види колку може да се растерети Клиничкиот центар, во однос на секундарно здравство. Но, морам да кажам дека во ‘8 Септември’ се изведуваат методи што не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, односно со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Таму ќе има и нови проекти, за да таа болница биде доста повеќе од тоа што е сега, порача директорот на Фондот за здравство.
Почетниот буџет на Фондот за здравство за годинава е 53,4 милијарди, за 7 милијарди поголем од ланскиот. Со парите ќе може да се направи исчекор во здравствената заштита, додава директорот на ФЗОМ. Зголемени се буџетите за дијагностички лаборатории, целта на зголемување е да се подобри покриеност на лаборатории за да се скрати време на чекање за овие услуги.