Мерките и политиките на СДСМ и претседателот Зоран Заев во континуитет покажуваат успешност. Државниот завод за статистика ги објави податоците за растечкиот тренд на бруто-домашниот производ (БДП), кој во последниот квартал на 2019 година во однос на истиот квартал во 2018 година, е повисок за 3,4%, а вкупниот раст на БДП за 2019 година изнесува 3,6% што ја надминува проектираната стапка од 3,5%, велат од СДСМ.
Отаму велат дека со ова се потврдува дека економските политики на Владата предводена од СДСМ дадоа дополнителен импулс за позитивните економските параметри.
Значителниот раст на БДП не ја надмина само владината проекција, туку и таа на Меѓународниот монетарен фонд и на Светска банка. Уште еден илустративен податок за растот на БДП е дека Северна Македонија е на осмо место по раст, на табелата од 38 земји од Европската Унија и регионот, и тоа пред Бугарија, Кипар, Хрватска,Чешка, Словенија и други земји членки на унијата.Економските и финансиските политики на Владата на Северна Македонија даваат резултати и го одржуваат трендот на стабилен раст на нашата економија. Така и ќе продолжиме во иднина. Невработеноста е намалена на историски најниско ниво од 16,6%, додека вработеноста е на највисоко ниво досега од 47,9%. Споредено помеѓу последниот квартал во 2019-та и на истиот квартал во 2016-та, кога на власт беше ВМРО ДПМНЕ, има 76.255 повеќе вработени.Владата на СДСМ успеа да ја стабилизира ставката на јавниот долг, при што долгот е помал од креираната нова вредност, односно под економскиот раст, додека растот на бруто-домашниот производ се реализира преку широк спектар на активности. Сите овие позитивни бројки ги создадовме во скратен мандат од две и пол години. Во следниот мандат продолжуваме одговорно и посветено да се грижиме за економијата и за животниот стандард на граѓаните за да им обезбедиме поквалитетен живот во нашата држава, велат од СДСМ.