СДСМ со реакција откако премиерот Христијан Мицкоски објави дека Апелација ја потврдила судската пресуда по неговата тужба против партијата за клевета. Велат дека премиерот „го зеде судството и обвинителството во свои раце па сега се фали со добиени судски пресуди против СДСМ“.
-Па нормално дека Мицкоски добил пресуда. Но баш чудно, зошто токму денес го објавува овој голем „успех“ на судството на Мицкоски, велат од СДСМ.
-Токму кога најавивме иницијатива до Уставниот суд за неуставната Резолуција со која сакаат да ја замолчат опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари! Дали и во Уставниот суд Мицкоски планира да прави притисок за да одлучува „брзо“ за иницијативата на СДСМ? СДСМ нема да дозволи задушување на демократијата и слободата на медиуми. Со сите демократски механизми ќе се бориме за Макеоднија дури и пред меѓународните институции. Нема да ви помине, порачуваат од СДСМ.
Премиерот веќе сподели со јавноста дека го добил судскиот спор со СДСМ по тужбата за клевета која ја поднел до Основниот граѓански суд – Скопје. Апелација ја потврдила првичната пресуда и ја отфрлила жалбата на СДСМ.
Како што објави Мицкоски, тужбата се однесувала на партиско соопштение од „Бихаќка“ од 2022 година, со наслов: „Мицкоски е докажан криминалец фатен со раце во медот, затоа ДПМНЕ фабрикува лаги за Ковачевски“. Во тогашното соопштение на СДСМ, меѓу другото, стои: „Докажаниот криминалец Христијан Мицкоски е фатен со рацете во медот за тендер и провизии од 136 милиони евра, додека Димитар Ковачевски чесно работи за граѓаните“.
Мицкоски го доби СДСМ на суд по нивната објава од 2022 дека „е фатен со раце во медот“