СДСМ обвинува за „матни“ зделки во енергетиката: Кој ќе ја гарантира евтината струја за домаќинствата?

од Nikola Popovski
38 прегледи

СДСМ ја критикува ВМРО-ДПМНЕ дека молчи и не одговара на прашањето дали „Алказар енерџи“ има или не одобрение за градба. На овој начин, велат од „Бихаќка“, ВМРО-ДПМНЕ само потврдува дека доаѓаат матни времиња во енергетскиот сектор.

-Договорања зад затворени врати со лични, приватни интереси на поединви од врвот на власта. Клучните прашања се без одговор, граѓаните ништо не знаат. Ако навистина станува збор за проекти од јавен интерес, зошто бегаат од одговорите? Нека излезат и нека кажат: Кој е бенефитот за граѓаните? Ќе биде ли струјата поевтина за граѓаните од берзанската? Кој ќе ја гарантира цената ако повторно, како во енергетската криза, скокне над 500 евра за мегават-час, прашуваат од најголемата опозициска партија.

Според СДСМ, фактите говорат дека ЕСМ во 2024 година произведе помалку, околу 3.600 GWh, а оваа година бројките се уште полоши.

-Казанџи, според најавите на Мицкоски, ќе произведува 4.100 GWh, а Алказар – над 1.200 GWh. Со други зборови, државната ЕСМ ќе го изгуби приматот како најголем производител во земјава. Тоа ли е интересот на граѓаните? Кој ќе ја гарантира евтината струја за домаќинствата, која сега ја обезбедува ЕСМ?

Очигледно е – од овие нетранспарентни договори бенефит ќе имаат само блиски до власта, не и граѓаните. Нема ниту еден аргумент како овие проекти ќе го подобрат животниот стандард или ќе донесат развој за државата, додаваат од СДСМ на денешната прес-конференција.