ВМРО-ДПМНЕ им удри шамар на скопјани кои со денови се гушат во канцерогени честички од пожарите на Дрисла, велат од СДСМ преку партиско соопштение. Се тврди дека „после сите токсични чадови и еколошка катастрофа што ја трпат скопјани, ВМРО-ДПМНЕ го наградува човекот кој има одговорност за Дрисла“.
-Замислете, за носител на советничката листа во Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ го постави претседателот на Управниот одбор на Дрисла, Даме Димитровски. Ова е невиден скандал и навреда за скопјани. Тој што е одговорен и што управува со Дрисла, да биде носител на листа. Иако Димитровски е и актуелниот советник на Мицкоски за животна средина во Владата, истакнуваат од најголемата опозициска партија.
Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ арогантно се исмева со скопјани и ги понижува.
-Депониите и понатаму горат, воздухот е отровен, а власта на Мицкоски и Орце Ѓорѓиевски им ја загорчува секојдневието на скопјани. Еколошката катастрофа во Скопје е дело на ВМРО-ДПМНЕ, а оваа одлука е доказ дека за нив здравјето и животите на граѓаните не вредат ништо. Граѓаните ќе ја казнат оваа безобразност и ќе покажат дека никој не смее да си поигрува со нивното здравје и нивната иднина, стои во пораката од „Бихаќка“.