СДСМ ја повикува Антикорупциската комисија да постапи за, како што велат, скандалот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација. Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска појасни дека СДСМ ги објавиле сите докази и документи. Бараат итно постапување од ДКСК.
-Министерот Стефан Андоновски отворено призна дека два тендери од неговото Министерство завршиле кај сопругот на неговата Државна секретарка, Клинчарова. И наместо да поднесе оставка тој дрско ги брани договорите доделени на сопругот на државната секретарка дека биле „заштеда на пари“, рече Кузеска пред просториите на ДКСК.
-Мора да има целосно расчистување на коруптивните шеми на власта, а министерот Андоновски веднаш треба да поднесе оставка. Институциите мора да реагираат. Веруваме дека на ДКСК и ЈО нема да им биде тешко да ги обезбедат документите кои се јавно достапни и да постапат по случајот, додаде портпаролката на СДСМ.
Фирма предводена од сопругот на Гордана Клинчарова, државен секретар на Министерството за дигитатална трансформација, добила тендери во вредност од 50.000 евра од истата институција, обвинуваат од СДСМ. Објавија два склучени договора, а според партијата, фирмата учествувала и во изградбата на Скопје 2014.
Според Андоновски, државната секретарка во Министерството, Гордана Клинчарова не учествува во ниту една постапка за јавни набавки. Вели дека нејзиниот ангажман е во админитративно-буџетско работење на Министерството и не постои судир за интерес или влијание за постапката од нејзина страна.
-Лага број 2 е дека јас сум бил вклучен во изборот на компанијата. Тоа се стручни комисии кои објективно си ја извршиле работата. Немам законска можност за истражување на контактите на секој од 150-те вработени во Министерството, рече министерот пред медиумите.
Ја повика ДКСК и Јавното обвинителството да ги истражат сите наводи кои би сметале за спорни. Вели дека се убедени во законитоста на постапките.