Спротивно на Изборниот законик и Правилникот на Државната изборна комисија, Советот на Општина Аеродром на вчерашната седница одлучи да ги намали за 50% надоместоците на членовите на избирачките одбори, обвинуваат од СДСМ. Со оваа одлука, додаваат од партијата, 930 членови на избирачки одбори ќе добијат за 50% помали надоместоци од тоа што ги следува согласно Изборниот законик.
„Висината на овие надоместоци е експлицитно утврдена во Правилник на ДИК и се движи од минимум 12.000 денари за член и заменик на избирачки одбори кои имаат до 300 гласачи, се до 22.000 дена за претседателот на избирачките одбори кои имаат над 901 гласач. Советот на Општина Аеродром нема право произволно да го менува овој износ“ – изјави координаторот на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Аеродром, Милутин Ристески.
„Друго прашање е дали и со колкав удел треба да учествува Град Скопје во сумата. Тоа е проблем што треба да си го решат Дејан Митески и Орце Ѓорѓиевски, но не на штета на овие луѓе кои ја имаа најодговорната задача на изборниот ден. Оттука оваа одлука е една најобична кражба буквално на половина од чесно заработените пари на овие 930 луѓе“ – нагласи Ристески.
„Во Изборниот законик јасно е наведено дека избирачките одбори ги формира Општинската изборна комисија и тоа е она што градоначалникот одбива да го види, а средствата за овие луѓе во целост треба да ги исплати Општина Аеродром“ – додаде членот на Советот на Општина Аеродром, Марко Данилоски.
„Предлагам Општина Аеродром да ги исплати сега средствата во целост и потоа таа да ги чека средствата од Град Скопје, ако некогаш воопшто Градот ги префрли овие средства. А не членовите на избирачките одбори да чекаат, тие доволно чекаа и до сега. Не е во ред чесно заработените пари да им им се исплатат преполовени или на рати“ – предложи членот на Советот на Општина Аеродром, Марјан Јовановски.
Предлогот на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Аеродром да се донесе одлука со која ќе се овозможи исплата на целиот износ на надоместоците за избирачките одбори беше одбиен од страна на градоначалникот Дејан Митески и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека Град Скопје на сметката на општината се уште ги нема уплатено останатите 50% од потребните средства.