„По преброени 99% од гласовите, се потврдува тоа што СДСМ го говореше, а тоа дека оваа власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на овие избори ќе изгуби огромен број на гласови“ – ова стои утрово во соопштението на СДСМ по синоќешното гласање.
Според СДСМ, споредбените анализи со изборните резултати од минатата година покажуваат дека ВМРО–ДПМНЕ и ЗНАМ имаат изгубено по речиси една третина од гласовите.
-Падот на ВМРО-ДПМНЕ е фантастични 135.000 или 30,8% од гласовите, а ЗНАМ паѓа од 56.200 на 38.034 гласови, односно е најголем губитник и има изгубено 33% од гласовите. За разлика од нив СДСМ има изгубено само 18% од гласовите што, ако се земе предвид пониската излезеност речиси да нема загуба. Левица, која вчера триумфалистички излажа дека станувала лидер на опозицијата има изгубено ист процент на гласови како СДСМ, со мало подобрување на резултатот на на ниво на градот Скопје. Левица сумарно има 2,2 пати помалку гласови од СДСМ со што е јасно дека ваквите еуфорични лаги на Апасиев немаат допирна точка со реалноста, порачуваат од „Бихаќка“.
Од партијата велат дека СДСМ се надеваше на подобар резултат, но фактот што е, како што додаваат, значително намалена разликата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, фактот што ЗНАМ, нивниот привезок партија, има драматичен пад, укажува на тоа дека довербата во власта значително опаѓа.
-СДСМ останува втора најсилна партија. Според анализите, СДСМ има стабилизација и раст на процентот на освоени гласови во најголем дел од општините што е позитивен тренд, но и помал број општини каде има благ пад, за што ќе се направи соодветна анализа и преземат чекори за подобрување на резултат, стои во партиското соопштение.