СДСМ поднесе пријава до ДКСК за фирмата со двајцата вработени и тендерите од девет милиони евра

Огњеновиќ од СДСМ: „Кога фирмата основана пред една година, со само двајца вработени, добива државни тендери од речиси 9 милиони евра, што е тоа ако не шема за испумпување пари од граѓаните?“

од Nikola Popovski
6 прегледи Фото: СДСМ

„Премиерот Мицкоски вчера во емисија јавно изјави дека ако објавениот скандал од СДСМ за тендерот од 9 милиони евра е корупција и криминал, нека реагираат институциите, тој нема ништо против. Еве денеска сме пред Државната комисија за спречување корупција, да поднесеме официјална пријава со сите документи, докази и информации што ги објавивме изминативе денови“, кажаа денеска од СДСМ по објавениот скандал со фирмата со двајца вработени што била формирана ланската година.

Петар Огњеновиќ од СДСМ порача дека институциите мора да постапат, крадењето на народот да запре и да следува одговорност.

-Кога фирмата основана пред една година, со само двајца вработени, добива државни тендери од речиси 9 милиони евра, што е тоа ако не шема за испумпување пари од граѓаните? Кога од 6 дури четири милионски договори се со Генералниот секретаријат на Владата на Мицкоски тогаш што е тоа ако не фаворизирање на омилени фирми? Ова се истите шеми на Никола Груевски. Христијан Мицкоски е само негов ученик и продолжувач на истите методи.

Денеска ја поднесуваме пријавата, бараме ДКСК да отвори предмет, да спроведе постапка и да ги испита сите елементи, кажа членот на СДСМ и најави дека неговата партија СДСМ ја продолжува борбата против криминалот и корупцијата.

Доколку постои каков било сомнеж за сторен криминал, СДСМ може веднаш да достави докази до нивните инсталации во обвинителството и тие, кои се уште функционираат слободно, можат да поведат истрага, рече вчера премиерот Христијан Мицкоски за наводите дека договорот на Генералниот секретаријат на Владата со компанијата „Дигитал оне“, формирана лани и со двајца вработени, вреден осум милиони евра е шема за испумпување народни пари во приватни џебови.

Тој вели дека тие како Влада стојат на располагање за расветлување на случајот, но притоа кажа дека мора да се забележи оти СДСМ на прес-конференција изнеле и груби клевети, нарекувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ криминалци, нешто што ќе треба да го докажат, а доколку не го сторат, да се извинат и да изгубат дополнителен кредибилитет.