СДСМ поднесе повеќе од 200 амандмани на Предлог Буџетот за 2025 година, со кои предлага конкретни решенија што ќе придонесат за подобрување на животот на граѓаните и за зајакнување на клучните сектори. Фокусот на овие амандмани е насочен кон зголемување на платите во јавниот сектор, особено во образованието, полицијата и пожарникарството, како и кон обезбедување на подобри услови за работа и квалитетни јавни услуги.
-Предлог Буџетот за 2025 година е првиот буџет што оваа Влада го предлага, и токму во него граѓаните очекуваа политики кои ќе донесат подобар живот и економски развој. Но, наместо тоа, добивме документ без визија и креативност, кој е нереален, неразвоен и недомаќински, со цел да ги задоволи само предизборните активности. Овој буџет ќе биде генератор на нови долгови и уште една изгубена година за економијата и за граѓаните, истакна на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче укажа на предвидениот раст на БДП од 3,7% за 2025 година кој нема да може да го оствари.
-Потврда за тоа се проекциите на Народната банка која растот го определи на 3,3% и попесимистичката проекција на Светска Банка од 2,5%. Владината проекција за висок раст на БДП поставена на нереална основа, и има за цел да оправда поголем дефицит. Ваквиот пристап ќе значи зголемување на јавниот долг без да донесе развој, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека нивните амандмани не се само бројка.
-Тие се инструмент преку кој бараме вистински промени кои директно ќе влијаат на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Воведуваме зголемување на платите за вработените во јавниот сектор, почнувајќи од образованието и здравството, што ќе ја подигне мотивацијата на работниците и ќе овозможи поквалитетни услуги за сите, изјави Филипче.
Според него ваквиот пристап ќе значи зголемување на јавниот долг без да донесе никаков развој.
-Со други зборови ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе мора да го враќаме во иднина, веројатно со повиски даноци или со кратење на други подобри јавни услуги, рече претседателот на СДСМ.
Тој оцени дека Владата со уште својот прв Предлог – буџет постапила незаконски и се задолжува над законски дозволените лимити. Притоа, тој посочи дека Владата проектира буџетски дефицит од четири проценти од БДП што е директно во спротивност на Законот за буџети, каде јасно стои дека дефицитот не смее да надмине три проценти од номиналниот БДП.