СДСМ: Поради рацете во медот ВМРО-ДПМНЕ го доведе ЈСП пред колапс

од Nikola Popovski
115 прегледи

Заради неспособност, заради тендери и провизии, заради рацете во медот на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, градскиот превоз во Скопје и ЈСП се доведени пред колапс, обвинија попладнево од СДСМ.

Според нив, „вината за овој колапс е целосно во локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје и нивната градоначалничка којашто тие ја промовираа, ја поддржаа и којашто ја избраа на чело со медарот Христијан Мицкоски“.

-Граѓаните на Скопје не ги избраа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, ниту нивната градоначалничка да излегуваат во јавноста и да ја префрлаат вината на кој ќе им текне туку да работат, велат од „Бихаќка“.

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска најави дека со паркирање на автобусите пред Владата и институциите, ќе се изврши притисок ЈСП да добие пари, со кои подоцна, ќе ги исплати платите кон вработените.

– Ние ќе отпочнеме со сите постапки кои што се во наша надлежност, а тоа е ќе им ги паркираме автобусите на ЈСП пред Владата и пред останатите институции кои ги блокираат процесите и на тој начин да овозможиме бесплатен јавен превоз за граѓаните и се додека не ги реализираме овие работи кои што тие ги долгуваат нема да се поместат автобусите од пред надлежните институции од каде што треба да се добијат овие средства – децидна е Арсовска.