СДСМ: Порастот од 1,2 отсто во последниот квартал на 2017 е закрепнување на економијата

од desk2
78 прегледи

Порастот на Бруто домашниот производ (БДП) од 1,2 отсто во последното тромесечје од 2017 година ја потврдува исправноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ и е уште еден во низата показатели дека економијата се стабилизира и се движи во добар правец, порачува СДСМ.

Во однос на обвинувањата за нула отсто на економскиот пораст што вчера ги искажа Трајко Славевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, владејaчката партија вели дека негативните економски показатели се резултат на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Последните три месеци од криминалното и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и нивните погубни политики донесоа пад на економијата од 1,3 отсто во првиот квартал од 2017 година. Дополнително, преку политиките на деструкција, блокади и насилство кое кулминираше на крвавиот четврток, ВМРО-ДПМНЕ предизвика економска и правна несигурност за граѓаните и стопанството а сето тоа поразително се одрази врз економијата“, обвинува СДСМ.