Последниот случај со фемицид во Велес покажа целосна неспособност на власта да обезбеди заштита на најважното – човечкиот живот. Министерот Панче Тошковски мора веднаш да поднесе оставка затоа што се покажа неспособен да ја гарантира сигурноста и безбедноста на граѓаните, особено на жените и децата, соопштија утрово од СДСМ. Од партијата критикуваат дека наместо институција која треба да заштити човечки животи, Тошковски го претвори МВР во партиски сервис кој ги штити интересите на власта и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Скандалозните измени на Закон за полиција и Закон за внатрешни работи кои ги направи Тошковски го срозаа МВР, ги истиснаа професионалците и го претворија во партиски инструмент. Со тоа се изврши директен удар врз функционирањето на најважниот дел од безбедниот систем, а последиците граѓаните ги чувствуваат секој ден.
Додека МВР се водат како партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ќе живеат во страв, велат од СДСМ.
Од „Бихаќка“ додаваат дека после сите случаи на фемициди, еколошки катастрофи, пожари, убиства, запалени возила, престрелки кои се случија додека Тошковски е на чело на МВР неговата одговорност е прв чекор кон враќање на безбедноста и спокојот на граѓаните.
-Време е полицијата да се врати во служба на народот, а не на партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ, стои во партиската реакција.