Економските податоци се поразителни, инфлацијата изнесува 4,8%, што значи дека граѓаните денес имаат помалку пари во џебовите и живеат потешко. Цените растат, платите стагнираат, стандардот опаѓа. Секој ден граѓаните гледаат и чувствуваат на своја кожа како оваа власт на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ е неспособна да го подобри животниот стандард, рекоа денеска од СДСМ, порачувајќи дека повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра во Собранието.
Според партијата, ова не е само барање на работниците туку неопходна мерка која ќе им го олесни тешкиот живот на многу македонски семејства.
-Веќе еднаш СДСМ ги поднесе законските измени за поголема минимална плата, за покачување на сите плати, но ВМРО-ДПМНЕ ги одби. Ние нема да се откажеме. СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минималната плата од 500 евра. За достоинствен живот и за фер плати. Ќе видиме кој ќе гласа „ЗА“ народот, а кој повторно ќе го сврти грбот на народот. СДСМ е и ќе остане гласот на работниците, на сите граѓани. СДСМ ги слушаше и почитуваше работниците, и сега е така, рече Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
Пред два дена, претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов информира дека веќе е поднесено барањето на ССМ за зголемување на минималната плата. Трендафилов истакнува дека барањето е оправдано, потребно и одржано, базирано и на споредбите со другите земји, како и на економските и социјалните услови во Македонија.
На последната седница на Економско-социјалниот совет, токму Трендафилов информира дека нема изгледи за зголемување на минималецот, со оглед дека во Владата им рекле на преставниците на ССМ дека „многу бараат, работниците многу бараат и дека треба да бидат среќни со тие плати што ги добиваат“.
-Се обидоа да не искараат во Влада дека многу сме барале за работниците. Исто така работодавачите сметаат дека нема простор за зголемување за минималната плата, дека доволно ги плаќаат работниците и дека не се продуктивни. морам да истакнам дека беше прифатена иницијативата на ССМ за платите на вработените во приватниот сектор, јавниот, како и за растот на минималната. Изгледа работниците во Македонија премногу очекуваат, рече Трендафилов на крајот на месец јули во изјава за медиумите.