Пратеничката од СДСМ, Даниела Шукова, на денешната прес-конференција обвини дека првото лице заштитено од обвинителот Љубомир Коцевски и премиерот Христијан Мицкоски во истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани е поранешниот началник на СВР Штип – Дејан Салтировски.
Шукова посочи дека и покрај тоа што постојат докази дека Салтировски бил присутен пред дискотеката во критичниот период, никогаш не бил испрашан, ниту обвинет. Таа праша зошто полицијата не ја извршила најавената контрола на време и дали постои наредба во која се бара затворање на вратите на локалот – нешто спротивно на сите процедури.
„Ако постои таква наредба, зошто никој од полициските функционери, особено Салтировски, не е повикан на одговорност?“, праша Шукова, додавајќи дека постојат сомнежи за фалсификувана документација и влијание од блиски бизнис и лични врски со врвот на власта.
СДСМ обвинува дека обвинителството работи под диктат на политички интереси и селективно ја спроведува правдата, а најавува и нови објави и докази додека „вистината за Пулс не излезе на виделина“.