СДСМ: РЕК Битола не работи, сите три блока надвор од мрежа

од Nikola Popovski
115 прегледи

СДСМ утрово обвини дека во моментов РЕК Битола не работи и не произведува струја, односно дека ниту еден од блоковите 1,2,3 не се приклучени на мрежа. Како што додаваат, првиот и вториот блок утрово испаднаа од мрежа, а третиот подолго време не работи.

-ДПМНЕ е неспособно да менаџира со енергетскиот сектор. Новото раководство на ДПМНЕ пред да седне во фотелјите ветуваше работа со три блока и со 100 посто домашно ископан јаглен во рудникот, а сега нема ништо од тоа. Во РЕК се троши повеќе увозен отколку ископан домашен јаглен а кога не работи се увезува скапа струја. Срамно е ова што му се случува на ЕСМ и РЕК Битола за да се задоволат бизнис зделките на ДПМНЕ, потенцираат од најголемата опозициска партија.

Ова не е прв пат РЕК Битола целосно да биде надвор од мрежа. Претходно поради проблеми со далновод на Мепсо често се случуваше централата да не работи.

Пред десетина дена, повеќе лица беа приведени во акција на полицијата и Јавното обвинителство, поради сомнеж за сторен криминал од 6,5 милиони евра во ЕСМ и РЕК „Битола“. Полицијата трага по поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, за кои постојат информации дека веќе извесен период е надвор од земјата.

Слични содржини