СДСМ денеска изрази критика кон најновата мерка на Владата, со која се замрзнуваат маржите на 73 производи, нагласувајќи дека граѓаните не треба да очекуваат значителни резултати од оваа одлука.
„Оваа мерка е калкулантска политика на Владата, колку да создаде привид дека нешто е преземено под јавен притисок. Целта е јасна – да се донесе решение кое е повеќе во интерес на трговците, отколку на граѓаните,“ наведува СДСМ, додавајќи дека мерката нема да донесе реална помош.
Според СДСМ, Владата на Мицкоски покажала недостиг од искрена грижа за стандардот на граѓаните, посочувајќи го како доказ падот на просечната плата за јули 2024 година, која е намалена за речиси 1000 денари, по петгодишен период на пораст.
„Владата на СДСМ минатиот септември донесе мерки за намалување на над 500 производи и обезбеди антикризен пакет од 662 милиони евра. Ова беше вистинска помош за граѓаните,“ истакна партијата, споредувајќи го сегашниот пристап со мерките што ги презедоа соседните земји, како Србија и Црна Гора, каде значително се намалија цените на повеќе производи.