СДСМ се спротивставува на најавите на градоначалникот на Тетово, Билал Касами, за преименување на улиците во градот кои носат имиња од антифашистичкото минато. Од партијата се децидни дека значењето на партизанската борба и нејзините идеалите никој не смее да ја омаловажува, брише и пребришува.
-СДСМ како наследник и поддржувач на НОБ и антифашизмот се противстави на овие најави на Касами. Советниците на СДСМ ќе застанат силно против преименувањето на улиците. Како коалицискиот партнер на Касами, бараме Мицкоски јавно да го повика да се повлече од овој предлог, изјави меѓу другото Андријана Томовска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Општинската организација на Сојуз на борците од народноослободителната и антифашистичката војна и граѓаните продолжувачи од Тетово испрати отворено писмо до тетовскиот градоначалник во кое бара да нема преименување на градските улици кои носат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народности. Воедно и од членовите на Советот се бара и апелира да нема именување на улици и инфраструктурни објекти со имиња на личности, настани и датуми кои слават фашистичка, терористичка, милитаристичка или радикална личност, односно група.
Во писмото, како што се наведува, се потсетува дека промената на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и другите инфраструктурни објекти не смее да се врши 6 месеци пред редовните избори, како и делот од Законот кој вели дека на списокот не смее да има имиња кои штетат имиџот на Република Македонија, граѓаните на Републиката и граѓаните на други држави, како и ги нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.