„После скандалот со ИПАРД на повидок е уште еден во низата коруптивни скандали во ресорот земјоделство. И тоа на штета на земјоделците и на лозарите. Според нашите инфорации, пред три дена, на 25.11.2025 на владина седница е донесена одлука за дополнување на програмата за интервентен фонд со мерка за доделување на финансиска поддршка за откупен килограм грозје, ама не за лозарите, туку за винариите. Оваа одлука се уште не е објавена во Службен весник. Но внимавajте сега, одлуката не е за 2, не е за 3, туку за 10 денари по откупен килограм да им се додели на винариите“, соопштија денеска од СДСМ за нов скандал, за кој велат дека мириса на корупција.
Оттаму појаснуваат дека „Владата на премиерот Христијан Мицкоски и Министерството за земјодество предводено од Цветан Трипуновски нема пари по 3 денари да им даде на лозарите ама ќе им дава 10 денари по килограм на винариите откако преходно им даде 2 денари“.
„Ова е скандалозно и недозволиво а мириса, смрди и на корупција. Еве зошто:
Прво оваа наменска мерка на владата значи финансиска поддршка само за многу мал број на винарии, а не за лозарите. Зошто мал број винарии се поважни од лозарите?
Второ, висина на финансиската поддршка од десетина милиони денари е оргомна а се однесува на мал број на корисници.
Трето периодот за кој истата ќе важи.
Го прашуваме министерот Цветан Трипуновски врз основа на која анализа е донесена ваквата мерка? Дали е дискутирана со подсекторската група и дали наидува на одобрување на производителите и откупувачите?
Дали оваа мерка е креација на договор во четири очи и однапред се знае кој ќе ги добие парите“, праша Александар Димитриевски од Комисијата за земјоделство во СДСМ.
СДСМ бара Владата да ја поништи оваа одлука веднаш бидејќи е на штета на лозарите и затоа што е основа за корупција. Бараат Антикорупциската комисија, Обвинителството и сите други надлежни институции за злоупотреба на парите на граѓаните да испитаат и да реагираат.