СДСМ: Син на екс-градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ е поставен каде што се пресметуваат сметките за струја

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

СДСМ обвинува дека Владата е директно одговорна за високите сметки за струја кои се покачени и до 30%. Според најголемата опозициска партија, минатата година околу 240 000 мегават часови помалку во нашиот домашен систем, а се направил увоз од 36 милиони евра на грбот на народот.

-Во време на светска енергетска криза, кога мегават час изнесуваше и до 550 евра граѓаните плаќаа помали сметки за струја, за разлика од денеска кога плаќаат повисоки сметки а мега ват час изнесува 120 евра.

СДСМ поднесе закон за намалување на сметките на струја на граѓаните но Мицкоски и тоа го одби. Понатаму, во управниот одбор на ЕВН владин претставник е член на ДПМНЕ, Игор Гиевски. Во ЕВН ХОМЕ каде што се пресметуваат сметките е син на поранешен градоначалник на ДПМНЕ, Митревски. Сè е во рацете на ДПМНЕ, а Мицкоски не може да избега од одговорноста, стои во партиското соопштение од „Бихаќка“.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера соопшти дека упатил многу јасна порака кон ЕВН дека не смее да се случува сметките за потрошена електрична енергија на граѓаните да се зголемени заради нередовно читање на броилата. Ваквиот тип на однесување е непочитување кон Владата, вели тој, бидејќи е непочитување кон граѓаните кои ја избрале оваа Влада.

Нагласи дека има два факти за високите сметки што ги добиваат граѓаните од ЕВН.

-Едниот факт е дека за 40 проценти се помалку жалбите пред Регулаторната комисија за енергетика во споредба со лани тоа време и вториот е дека сметките се зголемени откако ќе се нивелираат, бидејќи ЕВН не ги чита броилата на време, прецизира Мицкоски.

Здружението на инженери на Македонија, поднесе претставка до Регулаторната комисија за енергетика, со барање за измена на правилата за снабдување на електрична енергија. Бараат решенија за спречување на неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата и елиминирање на дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН.

Откако граѓаните се пожалија на двојно повисоки сметки за струја, надлежните констатирале дека некои потрошувачи се нашле во повисоки тарифни блокови, при што ЕВН треба да направи ревизија.

Измените се во финална фаза- велат од Регулаторна. 85 отсто од броилата се читаат месечно, а 15 отсто се непристапни терени каде се читаат двапати годишно според ЕВН.

15.000 приговори пристигнале во ЕВН во периодот од 24 декември до 25 јануари, 15 отсто се ревидирани според новопрочитаната состојба. Останатите биле неосновани, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на потрошената електрична енергија. 345 приговори се поднесени до второстепениот орган РКЕ.

Слични содржини