Данела Арсовска бесрамно лаже дека велосипедистите во Скопје не можат да се движат по велосипедските патеки и дека се тие попречени. Малиот број велосипедски патеки беа попречени за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со Скопје, а за време на СДСМ велосипедските патеки се ослободени од автомобили, обезбедени се со столпчиња, а мрежата на вело-патеки достигна 110 километри, велат од СДСМ Скопје.
Според нив, ослободен е и градскиот кеј кој долги години беше затворен за велосипедисти. Изградена е велопатека од Ѓорче Петров до Маџари и на исток до Ново Лисиче и Пинтија. Изградени се 10 конектори, поставени се преку 100 паркинзи за велосипеди, направен е првиот Велоштад во Скопје, а изградени се и два памптрака.
-Скопје е веќе меѓународно признаено како „Велоград“ и се посочува како позитивен пример на град на кој му завидуваат соседните градови, како што е Софија. Со пробивањето на велопатеката на „Партизански Одреди“ по улицата 4-јули во 2019-та, каде Арсовска пријавила живеалиште, таа сега за 25 минути може да стигне до Центар, се вели во соопштението.
„Вело патеки што во светот ги нарекуваат автопати за велосипед ќе никнат од Бутел преку Чаир кон Центар, од Гази Баба до Центар, од Драчево преку Кисела Вода кон Центар, од Даме Груев кон Ѓорче Петров. Во Скопје не смее да има булевар без велосипедска патека и таква велосипедска мрежа мора да има и од приградските населби кон центарот на Скопје“ – вака ја започна денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, од невообичаено место од каде што може јавноста да види дека Скопје нема вистински и непрекинати велосипедски патеки.
Таа истакна дека велосипедистите секојдневно се соочуваат со проблеми, затоа што на така наречените патеки, има се, освен слобода да уживаат во возењето. На средина на патеките има контејнери, сообраќајни знаци и други најразлични препреки, а во исто време актуелен е и проблемот со наоѓаање соодветно вело паркинг место.
„Ќе се обезбедат и нови паркинг места за велосипеди, заштитени од кражби и оштетувања и истите ќе бидат под 24 часовен видео-надзор. А, со цел реализација на проектот Скопје – вело град, ќе биде спроведена модернизација на системот за изнајмување велосипеди, со современа апликација за само изнајмување во рамки на Скопје. Во исто време предвидено е градот да обезбеди 1000 бесплатни електрични велосипеди што ќе бидат доделени на групи на граѓани со пониски примања и ќе биде зголемена финансиската поддршка на граѓаните за набавка на велосипеди, како и електрични тротинети – додаде Арсовска.