Во недостиг на економски успеси, Кочоска освен што дискриминира други жени, тргна да се фали со БДП во еден квартал на крајот на минатата година, без да ги каже реалните индикатори за економијата и кризата во која таа и Мицкоски ја донесоа државата, велат од СДСМ како реакција на соопштението на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според СДСМ, смешен е податокот за БДП од 3,2% во последниот квартал, кога инфлацијата е 5%, а кај храната од 10 до 15%.
-Со неверојатна леснотија, Кочоска прикажува економски победи, додека 83.000 работници не земале плата за јануари, додека цените постојано растат, а таа не презема ништо, додека платите стагнираат, а таа лично е против нивно покачување. Ова е потценување и исмевање на маката на граѓаните од страна на министерката, која, освен навреди кон пратенички, досега нема сработено буквално ништо во интерес на граѓаните, велат од партијата во опозиција преку соопштение.
Министерката се пофали растот на БДП од 3,2% проценти во четвртиот квартал од годината е сигнал дека економијата почнува да се опоравува и постепено да се стабилизира. Додаде дека инвестициите се главна карика на концептот на оваа Влада и дека со тој концепт ќе се продолжи и во наредниот период.
Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во државава во четвриот квартал лани е 3,2 проценти, објави Државниот завод за статистика. Во четвртиот квартал од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите Градежништво од 13,2 проценти и Стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности од 10,6 проценти. Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2024 година, номинално расте за 6 проценти, а нејзиното учество во структурата на брутодомашниот производ изнесува 66,1 процент.
Од СДСМ веќе кажаа дека секој ден ќе бараат оставка од Димитриеска Кочоска поради упатените зборови кон пратеничката Славјанка Петровска. Министерката за финансии изјави дека темата за инцидентот за неа е завршена и дека се фокусира на својата работа. Посочи дека веќе изразила жалење за целиот контекст. Според неа, народот има поважни теми. Таа потенцираше дека немала никогаш намера да навреди никого, напротив, како што рече „таа самата го знае тоа, но, вака ѝ чини сега да изигрува жртва“.
Петровска веќе поднесе преставка до Комисија за спречување и заштита од дискриминација.