СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ се „љубоморни“ за изборот на Шекеринска за втор човек на НАТО

од Nikola Popovski
74 прегледи

СДСМ му замерува на ВМРО-ДПМНЕ оти не се огласуваат по изборот на Радмила Шекеринска за нов втор човек на НАТО. Упатија критики и до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Партијата на Венко Филипче бара од партијата на Христијан Мицкоски да упатат честитки за изборот на екс-министерката.

-Наместо да честитаат за успехот на една Македонка која го подигна меѓународниот углед на државата, ВМРО-ДПМНЕ молчи како што молчи кога треба да покаже визија, идеја или барем минимална политичка пристојност.

Но, што може да се очекува од ВМРО-ДПМНЕ? Од истата партија која се противеше на НАТО, која шуруваше со антизападни агенди и која, очигледно, не може да поднесе дека успехот не е нивен. Наместо честитка, од нив добивме тишина. И таа тишина зборува гласно – за нивната љубомора, за нивниот страв од секој што е поголем од нивната ситна политика, стои во партиското соопштение од „Бихаќка“.

Шекеринска ќе го замени вршителот на должноста заменик-генерален секретар Борис Руге на функцијата, кој привремено ја презеде функцијата претходно оваа есен по оставката на заменик-генералниот секретар Мирчеа Јоана за да се кандидира на романските претседателски избори овој месец.

Шекеринска ќе ја преземе функцијата пред крајот на оваа година.

Додека беше на чело на Министерството за одбрана во 2020 година, Скопје го испрати првиот контингент од 44 припадници на АРМ во мисијата на КФОР. Тоа беше прва мисија на АРМ откако Македонија стана 30-та членка на НАТО.

Од ВМРО-ДПМНЕ и Владата засега не се огласија по назначувањето на Шекеринска. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер вчера упати честитки кон неа, но и кон Мицкоски. Како што беше објавено од американската амбасада, честитката до премиерот е за тоа што застанал зад нејзината кандидатура.

Слични содржини