СДСM: Со објави на сајт не се намалуваат цените, граѓаните мора да штедат дури и на основните производи

од Nikola Popovski
44 прегледи

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, исто како и премиерот Христијан Мицкоски, очигледно не разбира што навистина треба да се направи за да се намалат цените. Објавувањето на цените на веб-страниците на маркетите не е никаква мерка – тоа е евтин и смешен обид да се прикаже дека нешто се работи, додека граѓаните тонат во сиромаштија, велат од опозициската СДСМ како реакција.

Според партијата на Венко Филипче, Дурмиши и Мицкоски избраа мерка што нема никаков ефект, игнорирајќи ги сите реални решенија што навистина можат да го подобрат животниот стандард на граѓаните.

-Оваа влада е економски најнеспособната што Македонија некогаш ја имала. Само за девет месеци, успеа да го осиромаши народот до таа мера што граѓаните мора да штедат дури и на основните прехранбени производи.

Дали Дурмиши воопшто е свесен дека денес се потребни три минимални плати за да се покрие потрошувачката кошничка? Дали знае дека во време на СДСМ беа потребни само две? Дали барем еднаш се симна меѓу граѓаните за да ги праша како преживуваат со неговите “мерки”?

СДСМ попусто нудеше конкретни решенија – намалување на ДДВ-то на струјата и други мерки кои реално ќе помогнеа. Но, ВМРО-ДПМНЕ ги одби сите предлози, а она што го донесе беше задоцнето и неефикасно, стои во соопштението од СДСМ.

Министерот за економија и труд денеска информира дека се донесени измените на Законот за заштита на потрошувачите со коишто трговците се обврзуваат да ги објавуваат цените на производите кои ги нудат на својата интернет-страница.

-Трговците се должни во рок од 45 дена од објавувањето на законските измени во Службен весник да се прилагодат на измените на Законот за потрошувачи и да ги објават на веб-страниците цените на сите производи. Во период од 10 дена од донесување на измените ќе се донесат подзаконските акти со кои се регулира прашањето, кажа Дурмиши. Тој појасни дека оваа обврска нема да ја имаат маалските, односно малите трговски објекти.

Ја поздрави одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата за прекршочна постапка за четири големи ланци маркети, но и против една од поголемите комори во земјава. Се обвинети дека склучиле договор за формирање цени, односно картелско здружување.

-На секој ваков договор што е нелегален ќе му се спротивставиме според сите ингеренции што ги имаме во законот. Ја поддржуваме иницијативата и Комисијата да врши проверки на терените. За одлуката за замрзнување на маржите, првите информации се дека се почитува. ДПИ е надлежен. Идната недела ќе имам пак состанок со нив, рече Дурмиши на брифинг со новинарите.

Запрашан дали има „картелско здружување“, министерот вели дека не е надлежен за тоа и тоа е во надлежност на КЗК.

-Тие се релевантни и они ако кажале дека постапуваат, јас им верувам. Веќе известуваат дека најдени се податоци за кршење на законот, тогаш верувам дека има, додаде Дурмиши.

Слични содржини