СДСМ со поддршка за Првомајскиот протест: Време е за повисоки плати и почитување на работничките права

од Марта Пешевска
24 прегледи

Сојузот на синдикатите на Македонија го организира традиционалниот Првомајски протест, а Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) изрази цврста поддршка за барањата на работниците кои маршираат за подобри плати, услови за работа и заштита на своите права. Од СДСМ велат дека протестот претставува легитимен израз на незадоволството на работниците, кои со право бараат достоинствен третман и правична распределба на општественото богатство.

„СДСМ отсекогаш бил со работниците. Горди сме на нашите досегашни политики, меѓу кои значително зголемување на минималната плата од 8.000 на над 20.000 денари, зголемување на просечната плата од 22.000 на над 42.000 денари, како и воведување на механизам за усогласување на платите со трошоците на живот“, велат од партијата. Тие додаваат дека во моментов, сведочиме на реалност во која потребите на работниците се игнорираат.

„Минималната плата стагнира, просечната не расте, а колективните договори не се почитуваат. Вработените во јавниот сектор се соочуваат со дискриминација и нередовна исплата на платите, состојба која е недозволива и спротивна на основните вредности на едно праведно општество“, се наведува во соопштението.

СДСМ порача дека борбата за социјална правда и достоинствен труд ќе продолжи и понатаму.

„Нашите политики се засноваат на вреднување на трудот и создавање услови за фер и сигурно работно опкружување. Сме со работниците не само денес, на 1 Мај, туку секојдневно. Заедно ќе изградиме општество во кое правдата и достоинството се темелите на заедничката иднина“, истакнуваат од СДСМ.

Слични содржини