СДСМ го критикува директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов по неговата денешна прес-конференција околу состојбите во затворот „Скопје“ и проблемот со затворениците кои си излегувале од ќелиите. Според најголемата опозициска партија, Пандов преку кревање медиумска магла сака да го прикрие, како што велат, пуштањето осудени од 27 април што е скандалозен чин на узурпација на институцијата.
-Како осудениот Јане Ченто за насилствата од 27 ми април со негов потпис е пуштен? Како Александар Јаневски-Тошта исто така осуденик е пуштен? Како се пуштени осудените Оливер Поповски и Митко Пешов од затворот во Штип? Како е можно со потпис на Пандов некој да има прекин во казната од 30 дена?, прашуваат од СДСМ за состојбите во Штипскиот затвор.
Претходно на прес-конференцијата, самиот Пандов одговори на новинарско прашање дека дал неколку прекини на затворски казни поради лекување.
Кривичниот суд во март 2019 година донесе пресуда за предметот за настаните во Собранието од 27 април. Од повеќето обвинети само Игор Дурловски доби ослободителна пресуда.
Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, беше осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски добија затворска казна од 15 години. Оливер Поповски беше првостепено осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.
Во петокот и утрово бил извршен вонреден надзор во истражниот затвор во Шуто Оризари. Десетина затвореници не биле пронајдени во нивните ќелии.