СДСМ попладнево обвини дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со системско уништување на државните институции, овојпат, како што велат, преку брутална партизација на М-НАВ. Според партијата, на огласот за нови вработувања, избрани се лица кои од квалификации единствено имаат партиска книшка.
Во М-НАВ, како што посочуваат од СДСМ, место професионалци кои знаат англиски и имаат стручни лиценци, ВМРО-ДПМНЕ вработува, сопруг на директорка на Централен регистар, сопруга на Игор Југ — осуден за нападот на Собранието на 27 април и потпретседател на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ.
-Се врши класичен упад во институцијата отфрлајќи кадри кои ги имаат сите потребни квалификации а се примаат партиски војници. Некои од кандидатите дури не знаеле англиски, а сепак биле фаворизирани, додека другите кандидати без партиски врски биле одбиени.
За скандалот да е поголем, интервјуата ги вршеле само директорите од Управниот одбор на М-НАВ без претставници на синдикатот на контролори на летање. Сето ова е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ го претвора М-НАВ во партиска филијала, наместо во професионална служба која штити животи, соопштуваат од СДСМ.
Оттаму, СДСМ, како што вели, бара итно поништување на спорниот оглас, враќање на професионалните критериуми и оставка од сите кои го овозможија овој срам.
Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) во јуни му постави ултиматум на раководството на М-НАВ, со кој бара поништување на последниот оглас за нови вработувања и итна реализација на неисполнетите точки од минатогодишната Спогодба. Доколку барањата не бидат исполнети, Синдикатот најави реактивирање на штрајкот почнувајќи од 10 јули.
Закажаниот штрајк на контролорите за летање за 10 јули беше ставен во мирување, а претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски, рече дека одлуката е донесена оти барањата на синдикатот се придвижуваат, поточно, одобрено е барањето за вработување контролори и за спроведување функционална анализа која треба да определи кои работни места и колкав број извршители се потребни.