СДСМ станува стечајна маса, вели Куновска

Куновска со анализа: „Да не се влезе во втор круг во трката за градоначалник на Скопје и советничката листа на СДСМ да е петта по број на гласови, е јасен сигнал дека партијата од струмичкото бизнис чекмеџе станува стечајна маса“

од Nikola Popovski
85 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Телма

„Можно ли е СДСМ во првиот круг да победил на локалните избори, а членството да не може да ја препознае победата“ – ова како прашање го постави поранешната советничка и пратеничка од СДСМ, Софија Куновска. Вели дека „ја разбира потребата на ова раководство на СДСМ да се обиде политички да преживее и после ваков дебакл на локалните избори“.

Според Куновска која го замрзна своето членство во партијата, половина од раководството, на чело со лидерот Венко Филипче, не се ниту членови на партијата и нивниот мотив е да дочекаат парламентарни избори и по секоја цена да станат пратеници.

-За нив членовите кои трчаат на терен и “крварат” од вакви порази воопшто не им се важни. Битно е преминот од НВО секторот во партијата да се “наплати” со четиригодишен пратенички мандат плус една година апанажа. Затоа се користат оптички илузии кои не поминуваат ниту кај малите деца во градинките. Но, еве, да ја примениме математиката на Филипче и компанијата, пишува Куновска и ја објаснува својата анализа.

-Нивната клучна илузија е дека ВМРО изгубил во проценти многу повеќе гласови од нив и тоа значело дека СДСМ расте. Според првичните анализи, сите независни листи на топтан освоиле 120 илјади гласови, плус има уште 50 илјади неважечки ливчиња. Дополнително, ЗНАМ изгубиле околу 18 илјади гласови од парламентарните избори. Ова се вкупно 188 илјади гласови. Кога СДСМ навистина би растел тогаш логично ќе беше барем половината од овој резервоар на гласови да го имаат на своето конто. Но, да не се влезе во втор круг во трката за градоначалник на Скопје и советничката листа на СДСМ да е петта по број на гласови, е јасен сигнал дека партијата од струмичкото бизнис чекмеџе станува стечајна маса. Навистина од почит кон искрените, лојалните и добронамерни членови на партијата не сакав да коментирам за резултатот на СДСМ пред да заврши вториот круг. Сепак, количината на дрскост и ароганција со која се брани овој дебакл на СДСМ ме натера да го напишам ова. Ќе завршам со цитатот на една членка на СДСМ која ми се јави на телефон со следното прашање: “Дали ги гледаше настапите на Филипче, Пановска и Чупевска? Ако на ваков резултат умеат да бидат волку арогантни, какви ли би биле кога навистина би победиле?”, објави Куновска на социјалните мрежи.