СДСМ: Стапката на невработеност ќе продолжиме да ја намалуваме за 3% годишно

од Nikola Popovski
132 прегледи

СДСМ излезе со соопштение во кое велат дека нереформираното ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да шири лажни вести и неоснована паника, бидејќи официјалните податоци ги разбиваат нивните конструкции.

„Стапката на невработеност во вториот квартал од оваа година, според официјалните податоци на Заводот за статистика е намалена на 16,7 отсто, во однос на минатата година кога изнесуваше 17,3 отсто. Намалувањето на невработеноста во периодот април-јуни годинава, на почетокот на пандемијата со коронавирусот во државата непобитно ја потврдува ефикасноста на антикризните мерки, што ги презеде Владата предводена од СДСМ и ги демантира тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМН дека илјадници граѓани останале без работа. На почетокот на кризата со коронавирусот, СДСМ одговори со директни мерки за поддршка за секое работно место и бизнисите што се соочија со тешкотии во работењето и со првиот пакет мерки беа опфатени секторите најпогодени од кризата со корона вирусот. Продолживме со вториот пакет мерки со кој овозможивме директна помош за лична потрошувачка и со одложување, односно, пролонгирање на финансиските обврски на граѓаните и фирмите“, велат од владеачката партија.

Според нив, со третиот пакет вреден 355 милиони ЕУР, наменет за 730.000 корисници спровеле мерки за спречување на сериозно намалување на приходите во туризмот и поттикнување на потрошувачката на домашни производи.

„Новата владата го подготвува и наскоро ќе го реализаира четвртиот пакет антикризни мерки кој ќе обезбеди нова финансиска поддршка, пред се за пензионерите со ниски пензии, самохрани родители, невработените баратели на работа. Стапката на невработеност, за време на кризата ќе ја држиме стабилна, а по нејзиното завршување ќе продолжиме да ја намалуваме за 3% годишно како што тоа го правевме во изминатите 3 години. Конечна цел е – едноцифрена стапка на невработеност до крајот на мандатот на новата влада предовдена од СДСМ. Нереформираното ВМРО-ДПМНЕ може да учи како се работи одговорно посветено и во интерес на граѓаните“, стои во соопштението.