СДСМ повторно порача дека Техничката влада мора да остане, велејќи дека таа е единствена шанса, единствен обид за некакви минимални услови за фер избори. Од партијата го вперија прстот во актуелната Влада за наративот за укинување на „Пржино“.
-Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. Воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функцонери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата, со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР.
Во земјоделството видовме што се случи со ИПАРД 3, директор кој е поставен од ВМРО беше уапсен за корупција и проневера на европските пари. Тоа е уште една причина зошто мора да има техничка влада. Легализацијата на масовен надзор со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните а за тоа се уште нема контролни механизми ниту заштита од злоупотреби. Технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата, стои во партискиот став.
Според СДСМ, на премиерот Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ им се брза со предремени избори и мигранти за пари, но факт е дека не се созреани условите во општеството за укинување на техничката влада поради криминалната власт.
-Во вакви услови укинувањето на техничката влада би значело директен удар врз демократијата и загрозување на волјата на граѓаните.
Техничката влада мора да остне и СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми, да го заштити изборниот процес и слободната волја на граѓаните, стои во партиското соопштение.
На 14 јануари 2026 година, премиерот Христијан Мицкоски најави меѓупартиска лидерска средба во Клубот на пратеници во Собранието, со почеток околу 12:00 часот. Според владиниот наратив, целта е создавање консензус за реформски закони и укинување на техничката влада, како дел од евроинтеграциската агенда на земјата. Исто така, се предвидува разговор за изборни реформи – статусот на изборниот законик и препораките за подобрување на изборниот процес; и избор на Народен правобранител — како дел од реформската агенда и обврските од извештаите на Европската комисија.